Во Тетово имаше протест за правда и независна истрага за трагичниот пожар во кој животот го загубија 14 лица

Во Тетово имаше протест поради трагичниот настан што се случи на 8 септември, каде животот го загубија 14 лица. Демонстрантите и роднините на жртвите го изразија својот револт против доцнењето со расчистување на трагедијата како резултат на пожар во модуларната болница. Демонстрантите побараа оставки од локалните власти, но и од Владата. Протестот започна од плоштадот „Илирија“, за да продолжи кон општина Тетово, каде што фрлаа со јајца во правец на зградата.
„Оваа држава, јасно е дека е завршена. Бараме меѓународни истражители затоа што граѓаните немаат доверба во овој корумпиран систем. Но, колку можеме да веруваме дека оваа држава ќе им дозволи на надворешните инспектори да го истражат случајот. Што ќе се испита кога жртвите ќе ги закопаат и трагите ќе исчезнат. За овој случај, но и за други политички случаи, како што се „Монструм“, „Алфа“, „Кумановска група“ и други, треба да има меѓународна истрага. Затоа, бараме од тука градоначалничката на Тетово и Владата на криминалот и корупцијата да одговараат пред јавноста и да поднесат оставка. Моите зборови нема да завршат додека не завршат измамниците на мојата нација“.
Од пред општината, демонстрантите се упатија кон болницата, а потоа и кон зградата на ДУИ, но неколку метри пред седиштето беа блокирани од полицискиот кордон.
„Зошто патот не е расчистен кога одиме да испратиме порака таму. Протестот е мирен, можете сами да се уверите“.
„Таа е 20 години на власт, колку убиства се извршени, а други затворени, а тие се на власт. Жал ми е за вас, но мора да одите во македонскиот парламент за да ги заклучите внатре, а не да не блокирате нам“.
Демонстрантите неколку пати се обидуваа преку алтернативни патишта да стигнат до седиштето на ДУИ, но полицијата постојано ги спречуваше. Во еден момент имаше и судири меѓу демонстрантите и полицијата.
ДУИ ги оцени протестите како политички злоупотребени од опозицијата. Преку реакција, оваа партија ги повика политичките противници да не си поигруваат со чувствата на граѓаните и да не ги отвораат раните на членовите на семејствата.
Bashkim Sulejmani