Во Тетово редици пред банките за подигнување на државната помош

Следниот пакет на помош од владата, но и издавањето пензии за пензионерите го врати метежот пред банките, а со тоа и ризикот од ширење на вирусот.
Во големи гужви, граѓаните чекаат дури и по 5- 6 часа пред банките. Повеќето, за да добијат помош од 6.000 денари, но има и други кои чекаа пензии и ажурирање на податоците.
„…. чекаме веќе пет-шест часа. Јас сум број 112, кога ќе ми дојде редот ќе речат оди дома, додека од 7 часот наутро сум тука со болест, што да правиме? Дадоа помош од 6.000 денари, бидејќи сум социјален случај“.
„Чекаме да ја земеме помошта која ни беше издадена од 6.000 денари. Веќе шест саати чекаме“.
„Голем ризик е тоа што сме блиски, државата знае дека сме во опасност, внатре треба да има повеќе вработени. Тука има стари луѓе од 80 години, чекаат пет часа на ден и повторно не ја завршуваат работата“, реагираат граѓаните.
Лекарите ги повикуваат граѓаните да држат дистанца и да носат маски со цел да го намалат ризикот од зараза.
„Знаеме дека граѓаните се должни да чекаат пред банките, се принудени поради мака, но апелираме до сите граѓани да не се собираат многу пред банките затоа што бројот може да се зголеми. Апелираме до граѓаните да држат растојание, а како што знаеме маските се задолжителни“, вели Миранда Пајазити, лекарка.
Од Секторот за внатрешни работи Тетово, соопштија дека планираат да ја зголемат контролата пред банките за почитување на правилата за заштита од вирусот, апелирајќи до овие институции да одржуваат ред и дистанца меѓу граѓаните.
Башким Сулејмани