Во земјава има сè повеќе лажни дојави за бомби

Во земјава има сè повеќе лажни дојави за бомби. Надлежните освен што констатираа дека се работи за хибридна војна, велат дека се во координација со Интерпол и Европол за откривање на криминалците. Според последните податоци, овие закани доаѓаат од сервери на приватни мрежи во странство, па иако сме во НАТО, тие се недостапни за нашите разузнавачки агенции. Премиерот Ковачевски вели дека МВР работи на откривање од каде доаѓаат дојавите и ги повика граѓаните да останат смирени.
Безбедносните експерти велат дека моќни центри посакуваат дестабилизација на Балканот кој сака европска интеграција. Лажни дојави има и во повеќе земји од регионот. Ако навреме не се откријат испраќачите, состојбата ќе ескалира со дојави за клучните точки од виталната инфраструктура на државата, вели професорот Злате Димовски од Факултетот за безбедност. Тој дури смета дека ова што сега се случува е само тестирање на подготвеноста на безбедносните агенции и оти заканите ќе се зголемат.
Во последните три месеци се засилија заканите за бомби, кои се покажаа како лажни. Но, според експертите, сеењето страв и неизвесност кај граѓаните е најава за можна дестабилизација на состојбите во државата. Психолозите со кои контактиравме пак, велат дека во услови на страв колективното однесување може да биде неконтролирано за ситуации кои можат да ја загрозат националната безбедност на земјата.
Аднан Ќаили