Водата во Крива Река е сериозно загадена, предупредува градоначалникот на општината

Водата во Крива Река е сериозно загадена, спаѓа во најлошата категорија загадени води и е неупотреблива за каква било намена, рече денеска градоначалникот на Крива Паланка, Сашкo Митовски.
Тој рече дека новите анализи спроведени од Институтот за јавно здравје на барање на риболовното друштво „Мрена“, покажуваат дека има надминување на граничните вредности и на матност на реката.
Митовски побара институциите да реагираат, а обвинителството да поведе постапка.
„Врз основа на стручното мислење, површинската вода спаѓа во петтата класа од уредбата за класификација на водите поради зголеменото ниво на олово – 36,65 микрограми на литар во однос на максималната вредност 10 микрограми од дозволените на литар. Оваа класа на водата согласно уредбата е многу загадена, хипертрофична вода која во природна состојба не може да се употребува за ниедна друга намена. Концентрацијата на штетни супстанции што ги надминува акутните нивоа на токсична за водниот свет. Вода во оваа класификација, односно петта класа, не смее да се користи за ништо ниту, пак, за наводнување“, рече Митовски.