Водата за пиење во Струга е забранета за користење

Продолжува агонијата на стружани со водата за пиење. Поради дефект на главната цевка на водоводната мрежа,од вчера водата од градскиот водовод е повторно забранета за употреба, втор пат за помалку од еден месец. Центарот за јавно здравје регистрирал зголемена матност која на едно место била дури за осум пати поголема од дозволената. Стружани се жалат дека во одредени делови од градот, останале без вода неколку часа,а угостителите прашуваат кој ќе им ги надомести штетите,кои ги трпат.
„Не можеме да направиме кафе, бидејќи немаме вода. Не можеме да измиеме нешто ако немаме вода. Директно сме поврзани. Пет часа кога ќе снема вода, поради икс причини, објектот се блокира и неможе да работи.Незамисливо е да имаме проблеми со водата, за Струга кога изворите ни се на само неколку километри и каде имаме вода во изобилство. Мора општината да седне сериозно да пристапи кон барање решение на проблемите со помош на државата“, рече Боро Симјаноски-угостител од Струга.
При секои пообилни врнежи од дожд или дефект на дотраената мрежа, доаѓа до вакви проблеми. Според Центарот за јавно здравје без вода останале детската градинка и заводот за нефрологија,каде се лекуваат пациенти со бубрежни заболувања.
„За пациентите на дијализа ние користиме техничка вода.Водата се филтрира.Инаку без вода не би можеле да изведуваме дијализа.Во случај на дефект на цевка или поголем дефект, имаме резервоар, односно цистерна најмалку еден до два дена да направиме дијализа и без централно снабдување од водовод“, рече Ацо Попоски-директор на Завод за нефрологија Струга.
Водата е забранета да се користи до петок, кога се очекуваат резултатите од новите анализи. Од Водовод велат дека дефектите се должат на старата мрежа, а од локалната власт вината ја лоцираат и кај малите хидроцентрали кај селото Горна Белица, каде се и изворите.
Мики Трајковски