
Последното тромесечие од ланската година македонската економија испорача раст од само 2,3 отсто. Статитиската која ја објавува Државниот завод за статистика покажува дека има потфрлување на проектираниот раст на Бруто домашниот производ за 2021 година. Според податоците, минатата година постигнат е раст на економијата од 4 отсто, а предвидувањата на владата беа 4,1 отсто. Но, министерот за финансии Фатмир Бесими истакна дека е задоволен од постигнатиот раст на економијата.
„По падот од 6.1 % во 2020 година, во 2021 година која беше година на заживување на економската активност од вториот квартал излеговме од рецесија и постигнавме раст од 13,2 % и со позитивни стапки на раст во следните два квартала, годината ја завршивме со стапка на раст од 4%“, рече министерот Бесими.
Сега со воениот конфликт во Украина домашната, но и глобалната економија се соочуваат со нов предизвик. Експертите со сигурност тврдат дека годинава ќе биде една од потешките во последниве декади. Колкав ќе биде ударот врз растот на економијата во земјава ќе зависи и од контра санкциите на Русија.
„Сите овие случувања и репресивни мерки кои Западот ги презема во однос на Русија ќе се почуствуваат на опаѓањето на животниот стандард на граѓаните, не само во нашата земја туку и во Европа, но и пошироко во светот“, рече Зоран Ивановски Универзитетски професор.
Проекциите на владата за годинава се дека очекуваат забрзан раст, кој е на ниво од 4,6 отсто. Но оваа прогоза се заснова на зголемени бруто инвестиции, раст на потрошувачка од над три отсто, како и подобра реализација на извозот од земјава. Сите овие проекции владата ги скрои кога никој не ни помислуваше дека на истокот од Европа ќе се случува војна.
Сега експертите предупредуваат дека внимателно треба да се следи состојбата и реализацијата на буџетот. Доколку бидат потребни средства, да не се избрзува со нови задолжувања бидејќи долгот надмина 60 отсто од БДП, туку да се направи ребаланс на државната каса.
Иле Петревски