
Африканската унија (АУ) прогласи вонредна состојба за јавното здравје на целиот континент поради брзото ширење на вирусот мајмунски сипаници, пренесува Би-Би-Си.
Во најнаселената африканска држава, Нигерија годинава биле откриени се вкупно 39 случаи на вирусот мајмунски сипаници.
Директор на Центарот за контрола на болести во Нигерија (НЦДЦ), Џиде Идрис истакна дека нема смртни случаи, но оти се размислува за вакцинација за високоризичните групи.
Тој додаде дека Нигерија очекува да добие 10 000 дози од вакцината „Џинеос“ (Jynneos).
Нигериската Влада подготви формулар за здравствена изјава за меѓународните патници за да спречи ширење на вирусот.
Инаку во Европа, прв случај на овој вирус е пријавен во Шведска.
„Лицето е заразено додека престојувало во дел од Африка каде е забележано големо ширење на болеста“, изјави генералниот директор на Шведската агенција за јавно здравје, Оливија Вигзел.
Мајмунските сипаници се пренесуваат преку близок контакт како што се сексуален однос, контакт кожа со кожа и зборување или дишење во близина на друго лице. Предизвикува симптоми слични на грип, потоа кожна болест и може да биде фатална.