Возачот призна вина за сообраќајката на „Пластичарска“ во која загина дете

Судењето за сообраќајната несреќа во која животот го загуби десетгодишно дете на булеварот „Никола Карев“, на делот познат како „Пластичарска“ во Скопје, денеска во Основниот кривичен суд заврши со признание на вина на 21-годишниот возач.
Обвинетиот на 12 октомври во 16:40 часот на булеварот „Никола Карев“ во Скопје не се придржувал до пропишаните прописи и возел со 76 километри на час, и со предниот дел од возилото удрил во телото на пешак – дете родено 2013 година кое како пешак попречно го поминувало коловозот надвор од обележан пешачки премин. Од ударот детето починува на лице место, а возачот го напушта местото на несреќата без да укаже помош.
Обвинетиот 21- годишен возач од Скопје, денеска пред Судот го призна делото кое му се става на товар, но рече дека избегал од страв да не биде тепан.
– Многу ми е жал за тоа што го сторив. Се каам за тоа што го направив. Не можам да спијам. Свесно и доброволно признавам, рече обвинетиот.
Јавниот обвинител Даниел Коцев од ОЈО Скопје, во завршен збор, побара при одмерувањето на казната Судот да ги има в предвид сите олеснителни и отежнителни околности, како и да делува превентивно за другите учесници во сообраќајот.
Судијката Марија Клетничка Марковска пресудата ќе ја објави на 15 ноември.