Воздухот загаден со јаглен, гума и пластика

Загревањето во домаќинствата, индустријата, сообраќајот и градежништвото најмногу загадува во земјава. Во зимските месеци, според институциите, имаме загадување поради начинот на загревање во домовите. Последните студии покажаа дека 62 проценти од домовите се загреваат на дрва, додека 29 проценти на струја. Анализите покажуваат дека загревањето на дрва е економски најисплатливо, но на струја е најеколошки. Сепак, проблем е што некои домаќинства се загреваат и на јаглен.
Загревањето на домовите со јаглен сè уште останува горлив проблем и проблем кој се бутка под тепих, за којшто многу други држави како Полска на пример кои го виделе тој проблем и нашле решение, а тоа е донесување на Закон за забрана на загревање на домаќинствата со јаглен“-изјави Елена Николовска, Еко – свест.
Овој начин на загревање предизвикува загаден воздух. Сепак, во државава не е забрането домаќинствата да се загреваат на јаглен. Уште поголем проблем е што во многу домови се пали дури и пластика.
Град Скопје:
„Град Скопје апелира до граѓаните да не користат пластика, гуми, неквалитетни дрва и други материја при затоплување на нивните домови кои многу придонесуваат за загадување на воздухот“
Од Јавното претпријатие Македонски шуми велат дека најчисто и најмалку штетен енергенс е огревното дрво. Ако во грејните тела се согоруваат бојадисани даски, јаглен, стар мебел како и отпад, тогаш тоа екстремно го загадува воздухот. Инаку, според анализите, токму употребата на нееколошки горива при загревањето на домаќинствата е најголем причинител за загадувањето на воздухот во Македонија за време на зимските месеци.
Игор Стефановски