Вознемирувачки податоци за корисници на дрога во Тетово

Околу 30 лица на возраст до 14 години во Тетово и околината се регистрирани како нарко-зависници. Од нив, 6 се девојчиња кои се евидентирани како корисници на кокаин. Според Заводот за социјална работа, бројот на корисници на дрога во последните две години енормно е зголемен. Податоците на Алсат говорат за двојно поголем број нарко-зависници бидејќи голем дел од нив не се регистрирани од надлежните институции. Според психолозите, вината за ваквото зголемување на бројот на деца кои употребуваат дроги паѓа главно кај родителите.
Психолозите препорачуваат почести средби на родителите со наставниците во училиштата, но интересот на родителите за тоа е многу мал.
„Повеќето родители или околу 70 проценти од родителите имаат многу мал интерес и секогаш доаѓаат на училиште откако ќе се случи некој инцидент, тепачка или нешто друго. Нив не ги интересира успехот на учениците, но има и родители кои се заинтересирани и мислат дека сè лежи во оценувањето на ученикот, а од друга страна не го гледаат текот на она што навистина се случува со нивните деца. Како и обично, родителите доаѓаат само на родителски состаноци, но има и многу случаи кога не доаѓаат ни на состаноците“, рече Зира Мурати, Професор на Медицинскиот факултет.
Од тетовската полиција лани регистрирале скоро 100 кривични дела поврзани со дрогата.
„Во однос на кривични дела производство и пуштање во промет на наркотици и недозволени супстанции, во СВР Тетово во текот на 2022 година регистрирани се вкупно 93 кривични дела за кои ние како сектор до обвинителството поднесовме 87 кривични пријави против 111 сторители“, рече Фатмир Реџепи, Портпарол на СВР Тетово.
Од СВР Тетово тврдат дека водат борба против оваа појава и оти секој ден апсат најмалку по еден продавач или корисник на дрога.
Башким Сулејмани