Вработен во МВР, сведочеше во случајот „Организатори на 27 април“

Вработен во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, Марјан Димовски, денеска сведочеше во случајот против „Организаторите за 27 април“, во однос на вештачењето на мобилните телефони на дел од обвинетите.
– Извештајот е од 26.06.2018 година по наредба на Катица Јанева, од Специјалното јавно обвинителство. Во ноември 2020 година, не можам точно да се сетам, доставивме копија од вештачењето по барање на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Немам лиценца за вештачење издадено од Министерството за правда, не сум регистриран во регистарот на вешти лица, изјави сведокот Димовски.
Воедно, тој истакна дека негова надлежност е само да ги извади податоците од мобилните телефони, но не и разгледување на нивната содржина.
По исказот на овој сведок одбраната побара да не се изведуват доказите од извештајот изготвен од Димовски, од причина дека истиот не поседува лиценца за вештачење од ваков тип.