Вработените во Инспекторатот за употреба на јазиците протестираа без поддршка од директорот

– „Рековте дека 17 вработени немаат земено плата, дали директорот земал плата, бидејќи денеска не го гледаме тука?“
– „Мислам дека и директорот нема земено плата.“
Ова беше дел од реакцијата на вработените кои, по пет месеци без плати и со замрзнато здравствено и пензиско осигурување, денеска јавно побараа институциите итно да го решат проблемот. Иако бил претходно известен, директорот на Инспекторатот, Арсим Идризи, не сметал дека е потребно да се појави и да се солидаризира со своите колеги. Тие нагласија дека нивните основни човекови права се систематски и сериозно прекршени, а поради немањето приходи, сериозно е загрозена и безбедноста на нивните семејства.
„Оваа состојба нè води кон социјална несигурност, егзистенцијална борба и апсолутно обезвреднување на трудот и достоинството на службениците. Ние сме луѓе кои секојдневно работиме, даваат резултати и го движат системот напред. Нашите барања се јасни и легитимни: Итна исплата на заостанатите плати, реактивирање на здравственото и пензиското осигурување, долгорочно и одржливо решение за оваа состојба и нормално функционирање на инспекторатот“, рече Фитим Рамадани, виш инспектор во Инспекторатот за употреба на јазици.
Сепак, директорот кој не наоѓа време да ги поддржи вработените, директорот е редовен учесник во партиски активности, кои според него се во интерес на граѓаните, но според вработените, немаат врска со неговите надлежности како директор. Само пред два дена, Идризи беше дел од активност заедно со партиски функционери при надзор на изградба на спортско игралиште кај училиште во село Ропалце, Липково. Тој беше присутен и во промотивно видео на социјалните мрежи.
На 23 мај, беше дел и од делегацијата на ВЛЕН при посета на граничниот премин Табановце – повторно, како дел од видео со драматична музика.
Во меѓувреме, Инспекторатот е целосно парализиран. Покрај проблемите со платите, инспекциите се извршуваат со приватни возила и на приватен трошок на вработените. Единственото службено возило го користи само директорот.
„Рековте дека не добивате плата и дека инспекциите ги вршите со сопствени средства бидејќи немате службено возило?“
„Да. Всушност, како инспектори немаме службено возило во Инспекторатот“, рече инспекторот Рамадани.
– „Инспекторатот нема ниту едно возило?“
„Имаме едно, но го користи директорот. Ние веќе четири години правиме инспекции надвор од Скопје со приватни возила и на сопствен трошок“, додава инспекторот.
– „За што го користи директорот возилото?“
„Овие прашања најдобро е да му ги поставите нему“, вели Рамадани.
Вработените посочија дека нивните барања не се политички, туку се барања кои им следуваат според закон и Устав. Тие најавија дека нивниот глас нема да запре тука и не ја исклучуваат можноста за нови протести. Институциите го оправдуваат хаосот во Инспекторатот со недостатокот на усогласеност на неколку закони. Но, правното решение е заглавено во Собранието поради немањето на Бадинтерово мнозинство. Заменик-премиерот Изет Меџити денеска ги повика пратениците ова прашање да не го политизираат.
Суад Бајрами