ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Вработените во Министерството за култура утре ќе протестираат пред Министерството

Вработените во Министерството за култура утре ќе протестираат пред Министерството

И покрај најавите дека вработените во културата ќе ги добијат платите оваа недела, тие
не се откажуваат од протестот. За утре е најавен протест пред Министерството за
култура, со барање за трајно решавање на проблемот со доцнењето на мартовските
плати. Претседателката на Синдикатот за култура, изјави дека од четвртокот минатата
недела не оствариле контакт со министерот, и дека неговото извинување преку Фејсбук
не е доволно.

Advertisements

СДСМ бара оставка од министерот за култура Зоран Љутков, поради, како што велат,
хаосот што го предизвикал во култура. Го обвинуваат за катастрофално менаџирање и за
тоа што оставил над 3000 културни работници без плата.

„СДСМ бара оставка и политичка одговорност од Љутков за хаосот што го создаде во
културата. Повлекување на срамните изјави за приватизација на културното наследство.
И итна исплата на платата за март за сите вработени во културата“, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека токму во времето на СДСМ, Министерството за култура
било претворено во партиски трансакции и награди за блиски лица.

„Грантовите се делеа без критериуми, преку телефон, пријателски врски и партиски
заслуги. Уметниците кои не беа лојални беа игнорирани или санкционирани.
Институциите беа блокирани, а културата сведена на приватен бизнис за избрани
поединци“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Министерот за култура се извини на вработените поради доцнењето на платите,
оправдувајќи се со долгогодишни нерешени проблеми околу усогласувањето. Ветува дека
ќе се направат сите напори ваквите ситуации да не се повторат во иднина. Сепак,
културните работници велат дека секоја година во април се соочуваат со слична
ситуација, платата за март ја добиваат со доцнење поради проблеми со усогласувањето
на покачувањето на платите./Алсат.мк

Ајнур Бафќари

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button