„Вреди“ добива седум заменик-министри во Владата, открива Таравари

Коалицијата „Вреди“ во Владата ќе биде претставена со седум заменик-министри, информира министерот за здравство Арбен Таравари по посетата на Медицинскиот факултет во Скопје одговарајќи на новинарско прашање кои се предлозите од коалицијата за оваа функција. Посочи само имиња на двајцата заменик-министри, кои се од редовите на Алијанса за Албанците, за кои рече дека поминале на Централното претседателство на партијата.
„За ‘Вреди‘ знам дека има седум заменик-минитри. На Алијанса за Албанците му припаѓа заменик-министерското место во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за одбрана. На другите коалиции им припаѓаат Министерствата за транспорт и врски, за внатрешни работи, за спорт, за образование и наука и култура и туризам“, рече Таравари.
Според Таравари, Ељфете Ислаили ќе биде заменик-министерка во Министерството за одбрана, а заменик-министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Фљакрон Беџети.
Претходно, и другите три партии од коалицијата „Вреди“ ги соопштија имињата на предложените кандидати за заменици-министри.
„Беса го предлага Седат Сулејмани за заменик-министер во Министерството за култура и туризам. Алтернатива ја презеде функцијата заменик-министер во новото Министерство за спорт, каде ја предложија поранешната пратеничка Сафие Садики Шаини, а за заменик-министер во Министерството за образование и наука беше предложен Љуљзим Аљиу. Демократското движење на Изет Меџити има двајца заменик-министри. Во Министерството за внатрешни работи е предложен Муамет Амети, а за транспорт и врски – Каљтрина Зеколи“, соопштија од „Вреди“.
Како што информираа партиите, новите заменици-министри се очекува да се изгласаат по враќањето на премиерот Христијан Мицкоски од САД, односно од 20 до 23 јули.