ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ВРЕДИ: Формирањето на ад хок комисијата за правичната застапеност е очајнички обид на ДУИ да остане на власт

ВРЕДИ: Формирањето на ад хок комисијата за правичната застапеност е очајнички обид на ДУИ да остане на власт

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека без разлика кој ќе дојде на чело на СДСМ, партијата ќе тоне и ќе се кочат реформите. За ова, според нив, се докажал пристапот на македонската опозициска партија која не гласала за измените на законот за реорганизација на владата.
Во однос на гласањето на овој закон од ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ го оквалификува како градење на консензус, без никакви услови.

Но, албанската опозиција поддршката на овој закон ја гледа како интерес за влез во владата. Во меѓувреме, Изет Меџити од ВЛЕН го нарекува очајничко, образложението на ДУИ за формирање привремена парламентарна комисија за следење на правична етничка застапеност во органите на извршната власт.

„Формирањето на ад хок телото за правична застапеност, очајнички за оние кои 20 години имаа можност да постигнат правично претставување, но не го направија, говори дека ДУИ е подготвена да прифати се, дури и милостина од ВМРО, само за да остане на власт“, напиша на facebook Изет Меџити, ВЛЕН.

Резултатот од оваа комисија останува дискутабилен, имајќи предвид дека низ годините наназад во Собранието се формирани десетици комисии, но истите пропаднаа.

На пример, во 2012 година беше формирана анкетна собраниска комисија за настаните од 24 декември, кога тогашната опозициска СДСМ при гласање на буџетот, беше насилно исфрлена од Собранието. Иако се очекуваше Комисијата да ги расчисти околностите, резултат немаше.

Истата судбина ја доживеа и анкетната комисија за прислушувањето, формирана во 2015 година како резултат на Пржинскиот договор. Целта на оваа комисија беше да се утврди хронологијата на настаните и околностите поврзани со прислушувањето, но исто така без успех.

Во 2017 година беше најавено дека ќе се формира Анкетна комисија која ќе го расчисти случајот од 9 и 10 мај 2015 година во „Дива населба“ во Куманово. Но, оваа комисија не одржа ниту една седница.

Додека партиите го чекаа расветлувањето на случајот „Дива Населба“, во Собранието беше формирана анкетна комисија за случајот со 4-годишниот Алмир. Ниту оваа Комисија немаше разрешница за случајот.

Во 2022 година, пред Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните, беа и трагичните случаи со палењето на модуларната болница и несреќата на автобусот на „Беса Транс“ во Бугарија. Но, на седницата на која требаше да се разгледуваат информациите за овие два настана, пратениците на ДУИ и на СДСМ не дојдоа, па седницата не се одржа поради немање кворум.
Лани Собранието формираше и анкетна комисија за скандалот со онкологија./Алсат.мк

Суад Бајрами

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button