ВЛЕН: Правната формулација ќе биде задржана

ВЛЕН по вчерашниот мораториум за поединечни активности на партиите, веќе постапуваат како една партија. Сепак, во пресрет на изборите, тие ќе ги задржат истите законски формулации, со цел да имаат бенефит од она што им следува по Изборниот законик, по резултатите од последните парламентарни избори.
„Беше заклучено дека нивниот субјективитет ќе мора да биде законски зачуван за да се зачуваат правата стекнати од последните парламентарни избори, и на локалните избори сигурно ќе најдеме подобар модел на изборно претставување“, рече Билал Касами, ВЛЕН.
Според прелиминарните изборни резултати, партиите имаат право на одредени износи од буџетот за изборната кампања.
Конгресот на ВЛЕН се очекува да биде организиран пред изборите, а на него ќе бидат потврдени кандидатите за градоначалници и советници.
„Со оглед на фактот дека сме пред локални избори и немаме време да градиме локални структури, ограноци и под-граноци, беше заклучено дека треба да одиме со конституирање на локалните и општински штабови, а потоа по изборите тие ќе бидат темел на трансформацијата во ограноци и под-граноци на субјектот. Беше заклучено дека треба да имаме динамика на формирање на овие структури, вклучувајќи ја и идејата за заеднички конгрес за кој верувам дека ќе се одржи пред изборите каде што ќе се донесат заеднички одлуки во врска со изборната програма со која ќе одиме на избори, но и со кандидатите и сe што е поврзано со локалните избори“, додава Касами.
Од ВЛЕН претходно рекоа дека и следниот претседател на партијата ќе биде избран на Конгрес.
Завчера коалицијата го конституираше претседателството и воведе мораториум на секоја посебна активност на партиите што ја сочинуваат коалицијата.
Довчерашниот коалициски партнер Арбен Таравари, кој одамна одлучи да се натпреварува со посебни листи, им посака успех.
„Ви посакуваме успех. Многу ми е драго што се споија трите партии и се надевам дека ќе имаат што подобри резултати. Тоа е сè што можам да кажам“, рече Таравари.
Фатлуме Дервиши