Времето денеска: Облачно и студено со дожд и снег

Студениот циклонскиот бран што ја зафати Македонија продолжува, поради што и денеска во целата земја времето ќе биде претежно облачно и студено со локални врнежи од дожд и снег, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Покрај дождот и снегот, оттаму најавуваат дека ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Утринската температура се движи во интервал од минус три до три Целзиусови степени, а максималната дневна ќе достигне од минус два до шест степени.
Во Скопје, времето во текот на денешниот ден ќе биде претежно облачно и студено со повремени врнежи од дожд. Во повисоките делови од котлината врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Дневната температура во главниот град ќе се искачи до четири Целзиусови степени.