Времето денеска: Променливо облачно со дожд и ветер

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремен дожд. На повеќе места се очекува да биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во одредени делови од земјата ќе има невреме со пообилен дожд за кратко време и над 25 литри на метар квадратен, силен ветер и изолирана појава на град, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Температурата наутро ќе биде од 9 до 17 Целзиусови степени, а во текот на денот од 16 до 27 Целзиусови степени.
Во Скопје, времето денеска, ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме со интензивен пороен дожд, електрични празнења, засилен ветер и појава на град. Утринската температура ќе биде 14, а дневната 24 Целзиусови степени.