Втор Економски Форум во Скопје

Во Скопје денеска ќе се одржи Вториот економски форум во организација на Делфи Економскиот форум и Грчката бизнис асоцијација. Фокус на форумот ќе биде ставен на просперитетот во време на пресврти.
Форумот ќе го отвори премиерот Димитар Ковачевски, а најавено е учество на повеќе политичари меѓу кои и премиерите на Косово и Црна Гора, Албин Курти и Дритан Абазовиќ.
На панелот „Една година подоцна: Влијанието на руската агресија во Украина врз Југоисточна Европа“, заменик министерот за Европа и надворешни работи Артемис Мало и амбасадорите на Франција, Грција и Шведска ќе разговараат за влијанието на војната во Украина на национално и регионално ниво и за идни можните сценарија.
„Следење на Самитот во Тирана: Пристапувањето на Балканот во Европската Унија“ е вториот панел на којшто ќе се зборува за клучните точки од Самитот и нивното влијание врз иднината на регионот. Панелисти ќе бидат еврокомесарот Оливер Вархеји, Мартин Дворжак, заменик министер за надворешни работи на Чешка и евроамбасадорот Дејвид Гир.