
По вчерашната средба со претставниците на ЕУ и САД, Мирослав Лајчак и Габриел Ескобар во Белград, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа се обрати на социјалните медиуми и посочи дека разговорите со странските претставници ќе продолжат и дека уште ништо не е сигурно, а се потребни многу гаранции и многу работа.
Соопштението на Вучиќ уследи по состанокот со претставниците на ЕУ и САД, Мирослав Лајчак и Габриел Ескобар, на кој присуствуваа и амбасадорите на САД и ЕУ, а во врска со спорот за реципроцитетните мерки на косовската влада, односно за пререгистрацијата на возилата со српски таблички и издавањето документи за влез и излез од земјата.
„Ќе ги продолжиме разговорите и верувам дека во деновите што следуваат ќе успееме да постигнеме компромисно решение, барем за мал дел, бидејќи е јасно дека такво решение воопшто не може да се постигне во однос на таблиците и некои поголеми прашања“, објави синоќа Вучиќ преку својот Инстаграм профил.