ВЕСТИРЕГИОН

Вжештена атмосфера во и надвор од бугарскиот парламент, полициски кордон ја обезбедува зградата

Избраните пратеници на седмите парламентарни избори во Бугарија одржани на 27 октомври, денеска положија заклетва на првата конститутивна седница на 51. Народно собрание. Главното прашање е дали ќе се избере претседавач за да може Народното собрание да почне со работа. Се очекува ГЕРБ-СДС да го номинира Раја Назарјан за претседател со оглед на тоа што оваа партија освои најмногу пратенички места, 69 од 240 во Парламентот. Бугарските медиуми пишуваат дека втората партија ПП-ДБ е неизвесно дали ќе номинира свој кандидат за претседател.

Од „Преродба“, која е трета партија на изборите соопштија дека ќе го кандидираат пратеникот Петар Петров. „БСП – Обединета левица“ ја предложи експертката по уставно право Наталија Киселова. И „Има таков народ“ ќе има свој кандидат, најверојатно најстариот пратеник Силви Кирилов кој денеска претседава со Народното собрание.

Партијата со најмалку пратенички места МЕЧ нема да предложи кандидат, а кандидат за претседател не пријавија ниту „ДПС – Нов почеток“ и АПС. Само ако се помине првиот чекор и се избере претседател, може да се дојде до консултации и преговори за влада. На церемонијата ќе присуствуваат претседателот Румен Радев, потпретседатката Илијана Јотова и кабинетот на техничкиот премиер Димитар Главчев.

Конститутивната седница на бугарскиот парламент се одржува во период кога во главниот град на Бугарија се најавени 7 протести на кои се очекува да излезат меѓу 3.000 и 5.000 луѓе. Според полицијата, во врска со протестите досега е уапсено едно лице, изјави главниот инспектор Иван Георгиев од СДВР.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button