За барањата на ВМРО, Брисел упатува на заклучоците од Преговарачката рамка

Брисел нема да ги коментира внатрешните дискусии во земјава – вака гласи кусиот одговор од Делегацијата на Европската Унија, на прашањето дали за Унијата е прифатлив предлогот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски уставните измени да се изгласаат периодов, но тие да стапат во сила пред самото членство. Од Делегацијата за Алсат сепак потсетуваат дека се јасни заклучоците од Советот на Европската Унија кои беа изгласани минатата година и се дел од пакетот документи кои ја сочинуваат преговарачката рамка.
„Советот одлучи, како што пишува во заклучоците на Советот од јули 2022 година, да свика уште една меѓувладина конференција со намера да ја претстави Преговарачката рамка и состојбата со подготвителните работи од страна на Комисијата и (Советот) е подготвен да ја одржи без дополнителни одложувања или политичка одлука веднаш штом Северна Македонија ќе ја имплементира нејзината заложба за комплетирање на горенаведените уставни измени, во согласност со нејзините внатрешни процедури“, наведуваат од Делегацијата на ЕУ.
Мицкоски претходно побара уставните измени да бидат усвоени сега, но преку завршни и преодни одредби, тие да стапат во сила кога парламентите на земјите-членки ќе го ратификуваат Протоколот за присоединување на земјава во ЕУ. Од СДСМ пак вратија дека тоа не би било во согласност со преговарачката рамка и предложија во завршните одредби на уставните измени да се нагласи дека тие ќе стапат во сила на денот кога ќе се одржи втората меѓувладина конференција.
Дополнително, од ВМРО-ДПМНЕ побараа и гаранции од Советот на ЕУ дека во преговарачкиот процес нема да се покренуваат прашања кои задираат во македонскиот идентитет, јазик и култура. Неофицијално, наскоро германскиот Бундестаг ќе усвои Резолуција со која дополнително ќе се потврди признавањето на македонскиот идентитет и јазик, но засега не се знае дали оваа гаранција би ги задоволила партиските барања.
Лука Андреев