За бомбашките дојави во училиштата обвиненија за лажно пријавување, не за тероризам

Дел од дојавувачите на лажни бомби кои ги откри полицијата сепак нема да се товарат за делото „тероризам“, иако така гласеа кривичните пријави на МВР. Обвинителството за организиран криминал ги распределило предметите до надлежните обвинителства, а делото сега гласи „лажно пријавување“. Таков предмет има и во скопското Обвинителство. Сепак, според првиот човек на институцијата Гаврил Бубевски, полесното обвинение нема за цел да се релативизираат заканите предизвикани од лажните дојави.
„Едноставно, доказите во секој од овие предмети поединечно не упатуваат дека сторителите биле дел од некоја организирана терористичка група која имала за цел дестабилизација на институциите или загрозување на животот и телото и создавање чувство на несигурност и страв кај граѓаните. Идентификуваните сторители очигледно го искористиле моментот на хибридните закани, но не биле дел од тој организиран напад“, рече Бубевски.
„Ние може да имаме свое видување, свој став во овој дел и јас сметам сè уште дека дојавите за поставување на бомби и предизвикувањето на страв и нетрпеливост кај населението од терористички акт, мора да биде кривично дело тероризам, меѓутоа сепак тоа е работа на друга институција“, рече Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи.
Министерот Спасовски повтори дека е лоцирана организирана група која стои зад најголемиот дел од лажните дојави, но информира дека се уште се вештачат доказите. Тој за групата претходно кажа дека има лица и од земјава, а биле користени електронски адреси од Иран и Русија.
Спасовски не одговори дали наскоро може да се очекува завршница на истрагата, но додаде дека веќе не пристигнуваат лажни дојави на мејл адресите на училиштата. Тој истакна дека од октомври до март се регистрирани над 950 лажни дојави за 720 објекти од 60 различни мејлови.
Лука Андреев