ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

За дијалогот со Бугарија, Пендаровски очекува оценка до крајот на француското претседавање

Само историјата беше предуслов за отпочнување преговори со Брисел, вели претседателот Стево Пендаровски, одговорајќи на новинарско прашање по одржаниот Совет за безбедност.

Advertisements

Тој додава дека сега, со новиот пристап во дијалогот со Софија, ќе се цени дали има напредок и во новоформираните работни групи за да се даде зелено светло за преговори, откривајќи го и предвидениот рок.

„И врз основа на напредокот во останатите работни групи и комисии, освен историската, ќе се проценува тоа дали Северна Македонија до крајот на ова претседавање на Франција ги исполнува условите “, вели Стево Пендаровски – претседател.

Во меѓувреме бугарските историчари одново ја оспоруваат стручноста на македонските колеги. Членот на Мешовитата комисија, Наум Кајчев, во емисија на БНТ посветена на Гоце Делчев, обвини дека скопските историчари не ги читаат до крај личните писма на револуционерот, во кои тој напишал „камо да се роди бугарски херој што ќе ја ослободи Македонија“.
Претседателот Стево Пендаровски смета дека токму ваквата реторика ја отежнува работата на Комисијата.

„Мој совет кон сите тие е – помалку зборување по медиуми, помалку прејудицирање на исходот од работата на таа Комисија и повеќе конкретни резултати низ рамноправен дијалог со нивните македонски колеги“ , наведува Стево Пендаровски – претседател.
И политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски нагласува дека историјата треба да биде само дел од целосниот пакет, според кој ќе се носи одлука за одобрување на преговарачката рамка.

„Гледаме дека апсолутно се спротивставени историските вистини, во наводници – и тогаш ние не само што не би дошле до решение, туку уште подраматично би ги проблематизирале односите и тие може да завршат со едно целосно децениско вето “ , вели Благојче Атанасовски – политички аналитичар.
Тој додава дека во краен случај веројатно во процесот ќе се вклучи и булдожер-дипломатијата.

„Верувам дека некој си дипломатски притисок, под маса политички притисок, дали од нашите влади во Софија и Скопје или меѓународната заедница би се вклучила, со цел да не биде таа Историска комисија камен на сопнување околу излезното решение, кое нас насушно ни е потребно“ , наведува Благојче Атанасовски – политички аналитичар.
Средбата на историчарите е предвидена кон крајот на февруари во Софија.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button