За една година месечните трошоци ни пораснале за 20.000 денари

Месечните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари годинава се зголемени за 19.425 денари повеќе во однос на јануари минатата година. Според Сојузот на синдикати (ССМ), во јануари 2022 за да се задоволи потрошувачката кошничка биле потребни 31.811 денари, кон средината на годината трошокот достигнал 43.163 денари, а во декември 51.234 денари. Многу граѓани сè уште не се опоравуваат од новогодишните трошоци кои годинава беа далеку поскромни. Според синдикатите, единствен начин за справување со економската криза би било зголемување на платите.
„Лани влијаевме на зголемување на минималната плата на 18.000 денари, а таму каде што имаме синдикати во приватниот сектор, платите веднаш беа приспособени на зголемувањето на минималната плата преку социјален дијалог. Но, за жал, во јавниот сектор ситуацијата беше поинаква. Владата најмногу ги дискриминираше вработените и по притисокот од генералниот штрајк организиран од ССМ, почна да ги зголемува платите на вработените, но без критериуми“, велат од ССМ.
Во меѓувреме, според Народна банка на Македонија, годинава се планира да има инфлација до 9%, додека просечната инфлација за 2022 година изнесуваше 14,3%. Владата пак, при предлог-буџетот предвиде инфлација од 7,1%. ММФ прогнозира дека 2023 ќе биде тешка година и оти 1/3 од светската економија ќе биде во рецесија. За споредба, инфлацијата во еврозоната во просек изнесуваше 10,6%. Стапката на инфлација во Германија, по 11,6% во октомври, во ноември се намали на 11,3%. Во Македонија инфлацијата во октомври изнесуваше високи 19,8%, додека во ноември има незначително намалување на 19,5%.
„Народната банка во изминатиот период неколку пати ја зголеми основната каматна стапка. Со последната промена од средината на ноември, таа сега изнесува 4,25%. Воведовме и други мерки за намалување на инфлацијата кои требаше да ја намалат потрошувачката. Инфлацијата забрза во последните месеци, а 75% сè уште е резултат на зголемените цени на увозните прехранбени производи и електричната енергија“, велат од Народната банка.
Според податоците на Светска банка, вкупниот извоз и увоз на стоки и услуги на Македонија е 148% од бруто домашниот производ. Во 27-те земји на ЕУ просекот е 97%, а во САД само 26%. Македонија, земја со ниски приходи, по три децении не може да се одвои од малкуте земји кои останаа на дното на европската листа. Трошоците на едно просечно домаќинство за храна и енергија во овие земји сочинуваат значително поголем процент од вкупните месечни расходи. На пример, во Македонија со над 50%, додека во ЕУ за храна и енергија се трошат само околу 35% од месечните приходи.
Аднан Ќаили