За македонскиот идентитет не може да се преговара, вели Пендаровски за „Политика“

Македонскиот идентитет и јазик не се, ниту пак би можеле да бидат предмет на какви било преговори. Нашиот идентитет и македонскиот јазик се резултат на културен и научен факт, резултат на долгогодишниот историски и културен развој. Впрочем, процесот на развојот на нашиот идентитет и јазик по ништо не се разликува од развојот на јазиците и културите на соседните народи, истакнува претседателот на државата Стево Пендаровски во интервју за белградска „Политика“ објавено денеска.
– Северна Македонија споредено со своите соседи, најдоцна ја заокружува својата државност низ еден сложен процес на борба за национално ослободување и еманципација и веројатно тој фактор има големо влијание врз одредени негаторски тенденции кај дел од јавноста и политичарите во соседните држави. Меѓутоа, нашата државност и нашиот стандарден јазик се заокружен процес и тој факт треба да биде прифатен од сите, како клучен чекор кон градењето на соработка имајќи предвид дека сите соседни држави имаат иста стратешка ориентација во Евроспката Унија, вели Пендаровски.