За пациент починат во 2014 со години сè уште се влечеле пари од ФЗО за лекување

На Клиниката за онкологија во Скопје се сомневаат дека за пациенти кои починале од рак сè уште се отворени историјати за употреба на лекови кои чинат десетици илјади евра. Со анонимен допис се тврди дека Клиниката намерно го чува во системот лицето Томе Димовски со татково име Драган, кој починал во 2014 година како последица од рак на желудникот. Терапиите кои се влечат за него се движат од 8-12 илјади евра месечно. Тоа значи дека за 8 години, иако е тој починат, од системот на Онкологија само од овој случај се земени околу 960 илјади евра од Фондот за здравство.
„Историјатот е отворен на името на Томе Димовски со матичен број 1007954хххххх, кој во 2014 година се лекуваше од рак на желудник на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, кој почина истата година. Сега во 2022 година се отвора нов историјат со број 2825/13 преку кој починатиот пред 8 години се лекувал од рак на простата. Не се знае уште колку вакви случаи се отворени преку кои се крадат лекови“, се наведува во анонимната пријава.
Од Управата за матични книги ни потврдија дека лицето родено во село Бистрица, општина Чашка, починало во скопското село Бунарџик на 02.06.2014 година. Но, за да се докаже пријавата, екипата на Алсат на шалтерот на Клиниката за онкологија праша каде гледаат дека лицето Томе Драган Димовски е активен во системот.
„Прочитај го името уште еднаш? Еве, пишува од Скопје, Бунарџик. Нешто друго, од каде е? Не не! Да не го мешаме? Томе Драган Димовски, т.е. Драган, татково име!“, се цитира шалтерската комуникација
Во Фондот за здравство, истата пријава била поднесена на 18 август годинава, но оттаму добивме одговор дека при увид во случајот констатирале само техничка грешка на лекарот специјалист. Ни рекоа дека случајот не го пријавиле ниту во полиција, ниту во обвинителство, ниту во Државниот санитарен здравствен инспекторат.
„Терапијата дадена на лице со слично име и презиме погрешно е евидентирана кај осигуреник кој починал во 2014 година. За истиот случај потврдено е дека има пропуст во евиденцијата од лекарите кои ги воделе пациентите и направена е корекција. За пропустот ќе бидат известени надлежните органи и тие ќе постапат понатаму“, наведуваат од ФЗО.
Засега останува дилемата дали е можно лекарствата што се земале за починато лице се користеле приватно за пациенти кои не се осигурани преку здравствениот фонд или за странски државјани?
Аднан Ќаили