За Пендаровски е во ред посетата на рускиот митрополит Антониј сè додека таа е во рамки на црковната дипломатија

Сè што се движи во рамки на таканаречената црковна дипломатија меѓу Руската православна црква и Македонската православна црква е во ред и јас немам проблем со тоа. Ова е ставот на претседателот Стево Пендаровски кој одговарајќи на новинарски прашања ја коментираше посетата на рускиот митрополит Антониј на земјава и неговата средба со поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
„Посетата до овој момент колку што можам да видам помина исклучиво во таа т.н. црковна дипломатија. Бидејќи знаете дека Руската православна црква ја призна Македонската православна црква и во тој контекст сè што се движи во таа рамка јас немам проблем. Не мислам дека ја руши државата“, рече Пендаровски.
Меѓутоа, претседателот потсети дека рускиот претседател Владимир Путин ја користи Руската православна црква и црковната дипломатија на Русија како една од своите алатки за да ја оправда војната во Украина а тоа, како што рече, тој не би го поддржал.