СПОРТФУДБАЛ

За првпат во Македонија, ВАР технологијa во финалето на Купот

За прв пат во Македонија ќе се користи ВАР технологијата, и тоа во финалето од Купот на Македонија меѓу екипите на Тиквеш и Воска Спорт. Двата тима вечерва на Националната арена „Тодор Проески“ од 19:00 часот ќе се борат за својот прв трофеј на 31-то финале од Купот на Македонија.

Фудбалската федерација на Македонија доби дозвола од ФИФА за употреба на видео технологија за евентуален преглед на судиските одлуки, а на техничкиот состанок на кои присуствуваа официјалните лица одредени за финалето од Купот на Македонија и претставници на екипите – финалисти беа споделени сите детали околу употребата на ВАР технологијата.

„Воведувањето на ВАР технологијата е дел од програмата на Фудбалската федерација на Македонија, а овој проект го започнуваме од финалето во Купот на Македонија. Ги следиме сите потребни чекори и подготвивме проектен план со цел да го имплементираме и на натпреварите од Прва МФЛ. Исто така, го следиме и строгиот протокол воведен од ФИФА и ИФАБ. Ќе почнеме да ја користиме ВАР технологијата дури кога ИФАБ ќе ни потврди дека инфраструктурата, технологијата и судиите кои ја користат се целосно подготвени. Се надеваме дека во следната сезона ќе можеме да имплементираме ВАР технологија на натпреварите во МФЛ. Најважно е грешките да се намалат и елиминираат, но важно е да се запамети дека судијата на теренот сепак одлучува сè, а технологијата само му помага да ги погледне деталите“, изјави Игор Франговски, претседател на Комисијата за натпреварување во ФФМ и делегат на вечерашното финале во Купот на Македонија.

Главен судија на финалето од Купот на Македонија меѓу Тиквеш и Воска Спорт е Александар Ставрев. Дејан Костадинов и Куштрим Лика се негови помошници. Јован Качевски е четвртиот судија./Ekipa.mk/

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button