За Србите и Турците летово бесплатен паркинг во Охрид, а за другите…

Туристите од Србија и Турција цело лето нема да плаќаат за паркирање во Охрид. Ваквата одлука на локалните власти е во знак на благодарност за поддршката која северниот сосед ѝ ја даде на државава во процесот на вакцинација, додека за Турците таа била донесена по барање на општинските советници од турската заедница. Некои од туристичките работници сметаат дека ваква мерка треба да има и за гостите од сите наши соседни држави.
„Одлуката за бесплатен паркинг е добра. Гледам дека такви одлуки носат и други балкански држави околу нас. Сепак, мислам дека истата треба да се прошири и за другите држави околу нас, односно околните држави Албанија, Косово, Грција и Бугарија бидејќи постепено светот се отвора, а први гости кои ќе допатуваат во Македонија се од околните држави“, рече Филип Стефаноски-туристички работник.
Од туристичкиот сектор сметаат дека освен вакви симболични мерки, државава и локалните власти годинава задоцнија со поконкретни мерки кои ќе донесеа повеќе гости.
„Земјите од регионот нè претркаа. Тие веќе за време на пикот од Ковид 19 имаа стратегија…“, вели Климент Наумов-туристички водич.
Туристичките работници велат дека не функционира ниту најавената помош на владата за 50.000 бесплатни ПЦР тестови за странските туристи бидејќи во нивните земји, ваквите тестови од други држави не ги признавале. Таков велат е примерот со полските туристи.
„Јас сум сведок дека тие коишто дошле, самите платиле за тоа и ПЦР тестот влегол во цената на аранжманот“, додава Наумов.
Фокусот, велат туристичките работници во Охрид, треба да се стави на сите гости кои се традиционални и кои остваруваат подолг престој во градот, а со тоа и поголема потрошувачка.
Мики Трајковски