За свадбената поворка на Гаши- дисциплинска против 6 полицајци
За шестмина полицајци, МВР предлага постапка за утврдување одговорност во врска со придружбата на Гаши, кој патуваше на свадба во Косово. Според соопштението на МВР, службените лица дозволиле без контрола границата да ја поминат и шест цивилни возила, покрај службеното возило на Гаши.
Министерство за внатрешни работи:
„Утврдено е дека, откако делегацијата, во која како носител се јавува претседателот на Собранието ја преминала границата на граничниот премин Долно Блаце во коловозната лента број 1, по неа поминале шест цивилни возила, кои во меѓу просторот на граничниот премин се приклучуваат на делегацијата, без да се изврши контрола на патниците и возилата, а во одреден временски интервал се затвораат сите ленти за излез од државата“.
Од МВР соопштуваат дека за минување на автомобилите се грижелп обезбедувањето на Гаши .
Министерство за внатрешни работи:
„Утврдено е дека Н.Б. наместо физичко обезбедување на претседателот на Собранието, врши дејствија на граничниот премин кај излезните кабини и царинските кабини, со кои овозможил цивилни автомобили да се приклучат кон делегацијата, но и да се даде приоритет на цивилен автомобил да ја помине државната граница“.
Според МВР, со овие дејствија службените лица сториле сериозни повреди на работниот ред и дисциплина или не ги исполниле обврските утврдени со закон, колективниот договор, правилата и одредбите на Министерството за внатрешни работи и договорот за работа. За ова прекршување Законот за внатрешни работи и Колективниот договор предвидуваат дисциплински мерки за кои во иднина треба да се одлучува во зависност од степенот на одговорност и обврските на работникот.
Казнени одредби според Законот и Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи:
- Писмено предупредување;
- Глоба која не може да биде поголема од 15% од последната нето плата, за период од шест месеци;
- Распоредување на работно место на пониско ниво од нивото на работното место каде дотогаш работел работникот;
- Раскинување на договорот за вработување.
За случајот со придружбата на Гаши, опозициската партија СДСМ неколкупати реагираше различно, барајќи одговорност од министерот за внатрешни работи. Ова беше една од точките за која беше критикуван од другите македонски опозициски партии при интерпелацијата на Африм Гаши.
Суад Бајрами