За три месеци истекува рокот за аплицирање за ИПА проекти

Од над 160 милиони евра колку што на располагање има Министерството за животна средина од ИПА фондовите за периодот од 2014 до 2020, досега во реализација се само 25 милиони евра. Од министерството се надеваат дека тоа што е испуштено во изминативе шест години, или поточно во изминативе 69 месеци, ќе се надополни во последниве три до крајот на годинава, кога ќе има два огласи за проекти. Сепак, ресорниот министер Насер Нуредини за Алсат вели дека не може со сигурност да вети зголемена реализација, но е оптимист дека работите ќе се променат на подобро.
„За жал, некои од проектите се одвиваат многу споро, од кога јас започнав да работат минатата година, департментот почна подобро и поефикасно да работи, тоа го побарав и од Владата, но за жал поради самиот предизборен период, техничката Влада, како и поради целокупната ситуација не сум во целосна можност за реализација. Се обидуваме да го искористиме секој цент“, рече Нуредини.
Додека Екологија има реализација на само 16 отсто од европските пари, Земјоделство кое со години имаше исти проблеми, искористеноста се движи околу 75 отсто. Само 20 милиони евра од ИПА програмата за инвестиции во земјоделството ќе останат неискористени. Со завршувањето на оваа компонента на ИПА, 60 милиони евра ќе бидат слеани во македонското земјоделство.
„Во зависност од мерката, а спроведуваме три мерки финансиската поддршка се движи од 50 проценти до 70 проценти. На пример, еве, за фотоволтаиците, мини фотоволтаична централа која е наменета за потребите на објектот, не за продавање струја поддршката е 70 отсто од вложените средства“, изјави Никола Бабовски директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Од Платежната агенција велат дека тие како институција редовно се контролирани од Брисел и дека нивните резултати се должат на добрата соработка со надлежните институции. Од друга страна пак, Министерството за финансии наместо конкретно објаснување за тоа каква е реализацијата на парите од ИПА фондовите, за што се користат средствата кои се на располагање од меѓународните фондови и колку пари ќе останат неискористени поради лоши проекти, добивме штур одговор дека моментално се реализираат 39 проекти кои се во вредност од 90 милиони евра.
Ниту рокови, ниту завршени проекти, а ни збор за тоа колку пари легнале на сметки на приватни и правни лица кои добиле проекти од Министерството. Во првата ИПА програма која беше од 2007 – ма до 2013 година во вредност од 622 милиони евра искористени се само 37 отсто. За ИПА 2 програмата може да се аплицира со проекти до крајот на годинава, а за реализација има уште три години, односно до 2023 година.
Иле Петревски