За Велигден полупразни хотели во Охридско, резервирани само 20-30%
За Велигден полупразни хотели во Охридско, резервирани само 20-30%

Поголемите хотели на охридско-струшката ривиера за продолжениот празничен викенд бележат слаба исполнетост со само 20 до 30 проценти. Некои од нив воопшто нема ниту да отворат деновиве и покрај тоа што Охрид ќе биде исполнет со гости. Но, најголем дел од гостите ќе бидат во свои викенд станови или куќи. Само до половина се резервирани и приватните сместувачки капацитети. Дополнително лошо влијае и прогнозата за временски нестабилен викенд.
„Одлучивме за Велигденските празници да не работиме бидејќи хотелите како капацитет се многу големи и за да покриеме трошоци ни се потребни минимум 50 гости….“, изјави Филип Мишевски-генерален директор на хотел во Охрид
Хотелиерите очекуваат повеќе гости да почнат да доаѓаат почнувајќи од првомајските празници. Веќе има најави за организирани групи од Албанија, Србија и Црна Гора.
„Со првомајските празници се очекува и старт на туристичката сезона кога хотелските капацитети треба да бидат исполнети целосно”, рече Наташа Цветаноска- менаџер на хотел.
„Реално на пазарот за следната туристичка сезона од месец мај, можеме слободно да кажеме дека има голем интерес за сместување и во хотелските капацитети и во приватното сместување…“, нагласи Љупчо Цветаноски-хотелиер.
Во хотелите и приватните апартмани 70-80% веќе се направени аранжмани и закупи. Очекувањата се дека оваа туристичка сезона ќе биде многу подобро од минатите две години. Најбројни ќе бидат туристите од Холандија, Турција, Полска, но и гостите од Србија. Инаку, цените на аранжманите годинава се повисоки за 30%, а поскапени се цените и на угостителските услуги во кафулињата и рестораните.
Мики Трајковски