За викендов ВМРО-ДПМНЕ најавува следна акција за спречување на пописот

За време на викендов ВМРО-ДПМНЕ ќе ја конкретизира следната акција за спречување на пописот. Парламентарната група ќе поднесе иницијатива до Собранието за укинување на законот за попис.
Неколку дена претходно, уште една иницијатива на опозициската партија за собирање граѓански потписи за укинување на законот беше одбиена од Собранието поради формални неправилности. Владејачките партии и албанската опозиција ја отфрлија можноста за одложување на пописот.
Во една ваква ситуација, во Државниот завод за статистика траат подготовките. За помалку од две недели, поточно на 1 март, ќе се отвори апликацијата за попис во дијаспората. Покрај електронскиот начин на попишување, граѓаните кои живеат во странство ќе може да ги попише и лице од блиското семејство кое добро ги знае нивните податоци. Ќе треба да има нивен матичен број и да го даде и својот како гаранција дека дава точни податоци. На 1 април треба да почне пописот од врата до врата. Покрај податоци за населението, пописот ќе собира и информации за домаќинствата и живеалиштата.
Фатлуме Дервиши