ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Забрана за учество на државни тендери за оние од Црната листа на САД?

Властите повторно најавуваат конкретни мерки поврзани со лицата и компаниите што завршија на американската т.н. црна листа. Оваа листа последно ја надополнија Сергеј и Ирина Самсоненко, како и Ратка Камчева, поради материјално помагање и поддршка на Орце Камчев, кој претходно на листата се најде поради коруптивни активности. На листата се најдоа и компании чии сопственици се Самсоненко и Камчев. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска најави за темата ќе се разговара и во Владата.

Advertisements

„Јас очекувам да се создаде законска можност со којашто ваквите компании нема да можат да учествуваат на јавните набавки, во коишто ќе се исплаќаат јавни пари, државни пари или на конкретните лица или на компаниите коишто ги имаат“, рече Спасовски.

Заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ кажа дека критиките од американската администрација треба да се прифатат најдобронамерно. Таа топката ја префрли кај правосудните органи и порача ваквите состојби навреме да ги превенираат.

„Поажурни да бидат и Обвинителството и судството и во иднина да можат подобро да ги спроведуваат процесите, не само овие, туку и сите други лица за да немаме вакви ситуации“, рече Мадиќ.

Од албанската опозиција оценија дека состојбата е сериозна и Владата мора да преземе конкретни мерки.

„Лицата кои се на црната листа на САД не треба да бидат важни фактори во општеството, какви што се. Ние гледаме дека дури и лицата кои се објавени во оваа фаза на црната листа и понатаму имаат нормална комуникација со ДУИ“, рече Биљал Касами – претседател на БЕСА.

На црната листа се најде името и на контроверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Дака Давидовиќ. Во образложението за него, се напоменува дека перел пари, како и дека се обидел да стапи во контакт со екс-премиерот Зоран Заев, наводно преку давање мито на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски. Целта му била да се реализираат негови инвестиции во Македонија.

„Јас немам никакви информации за организирање на било каква средба помеѓу било кого, а цел на истражните органи не е организирање на средби“, рече министерот Спасовски.

Инаку, покрај сопружниците Самсоненко, мајката и синот Ратка и Орце Камчеви, претходно на т.н. црна листа се најдоа и имињата на братучедите Никола Груевски и Сашо Мијалков, како и на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button