Зачестени контроли на МВР на сообраќајниците

Само за еден ден, 424 граѓани во земјава ја пречекориле дозволената брзина со своите возила. Некои возеле за 50 до 70 километри повеќе од дозволеното, дури и во населени места. Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, вели дека и покрај зачестените акциите на полицијата, и натаму има граѓани кои ги прекршуваат сообраќајните правила. Синоќа полициските радари регистрирале возило кое во населено место се движело со брзина од 107 километри на час.
Тој апелира до граѓаните, особено оние кои ја посетуваат земјава за летување, да застанат да одморат за време на патувањето, бидејќи како што вели, многу несреќи се случуваат како последица на замор. Во меѓувреме граѓаните кои ги анкетиравме велат дека ги загрижува пребрзото возење во населените места, бидејќи, како што велат, тоа ги загрозува нивните деца.
„Особено со мотори е страшно, овде на булеварот ми се крева косата нагоре. Сега наскоро имаше случај на следниот семафор…го остави на место…“…
„Во населени места возилото не треба да се вози повеќе од 50 км на час, а не 100. Тие одат со брзина од 100 или 120 км на час. Во центар, пред малку дојдов, пред зелениот пазар, што да ти кажам“, реагираат граѓаните.
Еви Шкопи