ЗАЕВ – Дојде со „бомби“, си замина по „пошта“

Adrian Kerimi
Премиерот Зоран Заев поднесе оставка до Собранието. Во образложението се наведува дека оставката нема да ја образложи пред пратениците. Премиерот во заминување наведе дека неговата оставка доаѓа како резултат на поразот на локалните избори.
„Оваа моја одлука ја презедов како логичен чекор кој произлегува од исходот на локалните избори и како израз на преземената одговорност за изборните резултати… демократијата значи и одговорност. Ова го направив и за да може да продолжи да се развива нашата западноевропска идеја и прогресивниот концепт во земјата.“
Во писменото образложение Заев зборува и за неговите постигнувања во двата мандата како премиер.
„За време на моите мандати како премиер, донесовме историски одлуки поради кои Северна Македонија наместо како „поранешна република”, без свое трајно и суверено потврдено место во друштвото на народите, го доби тоа што ѝ припаѓа според нејзиното достоинство и историски заслуги. Тие одлуки овозможија Македонците и македонскиот јазик да бидат потврдени од целиот свет, а овој пат и од нашиот сосед и пријател, Република Грција“.
Оставката ќе биде констатирана на првата следна седница, што значи утре, на седницата за пратенички прашања. По оставката на премиерот, во оставка е и целата Влада. Според процедурата, откако оставката ќе биде констатирана, Собранието ќе го извести претседателот, па од утре почнува да тече рокот од 10 дена за доделување на нов мандат. Се очекува да го добие претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски. По доделување на мандатот следува рок од 20 дена во кои тој ќе треба да предложи програма и владин кабинет во Собранието. За изборот на новата Влада СДСМ-ДУИ-Алтернатива се очекува да се гласа кон средината на јануари.