
Во Софија денеска ќе се одржи лидерскиот Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, на кој оваа година домаќини се Република Бугарија и Република Северна Македонија.
Македонската делегација на Самитот ја предводи претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, придружуван од вицепремиерите Битиќи и Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, соопшти владината прес-служба.
Со Самитот, кој заради пандемијата со КОВИД-19 ќе се одржи преку видео конференциска врска ќе претседаваат премиерите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, а свои обраќања ќе имаат канцеларката на СР Германија Ангела Меркел, на чија иницијатива започна и се спроведува Берлинскиот процес, претставник на Европската Комисија, генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка Мајлинда Брегу и директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА Емир Џикиќ.
Се очекува на Самитот да бидат донесени Акцискиот четиригодишен план за Заеднички регионален пазар за кој шефовите на држави и влади ќе потпишат декларација, како и декларација за Зелена агенда за Западен Балкан.