Заев и Бучковски подготвуваат ново предавство со Бугарија, тврди Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека добил како што ги нарече алармантни информации од дипломатски извори за „ново предавство“ кое го подготвувале премиерот Зоран Заев и специјалниот владин претставник за односите со Бугарија Владо Бучковски.
„Бучковски во Софија, а Заев од Скопје, деновиве координираат тајни преговори каде се нуди Декларацијата усвоена од бугарскиот парламент да стане дел од преговарачката рамка со Европската Унија. Дел од документот на бугарското Собрание се оспорување на генезата и посебноста на македонскоит јазик, ревизија на историјата и периодот на нашата антифашистичка борба, како и присвојување на важни личности од македонската историја како бугарски и уште редица отстапки кои се погубни за Македонија“, напиша Мицкоски.