
Не стивнуваат нападите на ВМРО-ДПМНЕ кон најголемата партија на власт со цел да се издејствуваат предвремени избори. Нивните критики главно се упатени кон претседателот на владата, Димитар Ковачевски и генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ.
„Ако Зечевиќ и Ковачевски се луѓето од кои се плаши ВМРО-ДПМНЕ како што вели СДС, тогаш ајде на избори. Еве Ковачевски нека не го слуша ВМРО-ДПМНЕ, нека ги слуша пратениците од СДС кои бараат избори. Ковачевски и Зечевиќ се уплашени и затоа што се повеќе функционери на нивната партија се за избори. Само Ковачевски и Зечевиќ се плашат од избори зошто знаат дека ќе загубат, а после тоа ќе ги загубат и нивните политички кариери“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
За СДСМ изборите ќе бидат регуларни и ВМРО-ДПМНЕ ќе претрпи нов пораз.
„ВМРО – ДПМНЕ се во трка сами со себе, се надминуваат во лагите и во новата 2023 година. Во паника, секој ден се појавуваат со нови измислици. Соочени со катастрофалното владеење на нивните градоначалници, со сѐ послабата поддршка на нивните деструктивни политики, ВМРО-ДПМНЕ си ја зацврстува улогата на заложник на Димитар Апасиев. Затоа Мицкоски во 2024 година го очекува 7-от и 8-от последователен пораз како претседател на ВМРО-ДПМНЕ“, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме, судирите меѓу партиите предизвикаа судир и на социјалните мрежи меѓу двајцата поранешни премиери, Заев и Груевски. Заев на социјалната мрежа Фејсбук ги демантира гласините дека организира пуч внатре во партијата за да поттикне нови избори, дека има амбиција да се кандидира за претседател и дека соработува со ВМРО-ДПМНЕ на овој план.
„Јас нема да поднесам ниту ќе прифатам кандидатура за претседател на државата. Како претседател на СДСМ ја обединив партијата. А, обединетиот СДСМ заедно со граѓаните урна режим и тоа баш кога тој режим беше најсилен и најразулавен. Јас никогаш нема ниту да помислам да го делам СДСМ, ниту да правам некаков си измислен пуч во СДСМ или било што слично“, напиша Зоран Заев, поранешен премиер.
Заев во својот статус неколку пати го споменува поранешниот премиер Груевски, кој веднаш му одговори на социјалната мрежа Фејсбук.
„Демократија е, па секоја будала може да каже што сака! Секако и Заев! Но, реалноста е друга! А тоа дека не сакал да прави пуч во СДСМ и не сакал кандидатура за Претседател… тоа е затоа што најверојатно од таму од каде му беше единствениот извор на моќ, засега нема подршка. Таман и раката на срце да ја ставеше и да се заколнеше како што некогаш правеше за уставот и името, никој веќе не му верува ништо“, нагласи Никола Груевски, поранешен премиер.
2024 година е година на редовни парламентарни и претседателски избори.
Фатлуме Дервиши