Заев: Не е прифатливо дека македонскиот јазик извира од бугарскиот!

За премиерот Зоран Заев не е прифатливо тврдењето дека македонскиот јазик е творба од бугарскиот.
На новинарско прашање да даде коментар за наводите на бриселскиот портал „политико“, во кој се споменува постоење на извесен „бугарски компромис“, според кој амбасадорскиот совет постигнал согласност по кој Бугарија немало да го блокира одржувањето на Меѓувладината конференција и ќе го признае македонскиот јазик и идентитет, но Македонија ќе требало да ја признае „историската вистина“, застапувана од Бугарија, дека нашиот македонски идентитет и јазик се базираат на бугарски корени.
“Не е прифатливо!“, рече премиерот Заев нагласувајќи дека нема никакви сознанија за постигнување на каков било договор или компромис за кој пишува бриселскиот портал.
Информации за наводите на бриселскиот портал немаше ниту претседателот Стево Пендаровски, кој се воздржа од коментар додека не го види текстот на евентуалниот документ, но нагласи дека нема преговори околку македонскиот идентитет.
„Ставот е познат. Нема никакви отстапки, не може ни да има отстапки од националните и државни интереси кои подразбираат – нема преговори за нашиот идентитет. Точка!“, рече Пендаровски.
Во меѓувреме, поранешниот шведски премиер, Карл Билт на својот Твитер профил сподели напис во кој наведува дека дипломатите во ЕУ го одблокирале патот на Македонија, без притоа да открие повеќе детали.