ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Заев: По изборите ќе се зголемат шансите за договор со Бугарија

Поголемата соработка помеѓу земјите од Западен Балкан ќе го забрза нивниот развој и европската интеграција. Оваа порака ја дадоа учесниците на Самитот за Западен Балкан. Премиерот Заев изјави дека дијалогот и договорите се покажале како решенија во многу случаи и се надева дека тоа ќе се случи и во случајот со Бугарија.

На Самитот што се одржа во Скопје, премиерот на Косово, Албин Курти ја истакна потребата од владеење на правото во земјите од Западен Балкан.

„Потребна ни е функционална демократија и владеење на правото против автократијата и корупцијата. Сведоци сме, не само на Западен Балкан, туку и во Европската Унија, силни тенденции за повлекување од клучните вредности и демократските принципи. Во ЕУ ова се гледа како нелиберална демократија а на Западен Балкан како нестабилна демократија. Но, заедничко за нив е напад врз вредности како што се слободата на изразување, слободата на медиумите и независноста на судството“, рече премиерот на Косово, Албин Курти.

Национализмот, неразвиената демократија и селективната правда, според црногорскиот вицепремиер Дритан Абазовиќ, се главните проблеми во регионот.

„Луѓето сакаат да бидат мобилни и ние треба да им го овозможиме тоа. Треба да ги направиме нашите граници невидливи како во ЕУ. Корупцијата и организираниот криминал се генератори на многу негативни аспекти во регионот. Треба да разбереме дека без елиминирање на овие негативни аспекти во нашите земји, не можеме да имаме професионални, независни институции кои обезбедуваат подобри услови за живот за нашите луѓе“, порача Абазовиќ.

ЕУ останува посветена на Западен Балкан, рече амбасадорот на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир.

„Најитниот предизвик е ЕУ официјално да започне преговори со Албанија и Северна Македонија. Двете земји спроведоа реформи и ЕУ се ангажира со ова од март 2020 година. Исто така, во интерес на ЕУ е да го одржи својот збор, па затоа треба повторно да ги активираме напорите за постигнување на оваа цел што е можно поскоро“, рече амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир.

САД, исто така, изразија поддршка за развојот на регионот и интеграцијата на Северна Македонија.

„Нашата основна цел е да ја видиме Северна Македонија целосно интегрирана во Европската Унија, и целата работа што ја прават е да се помогне овој процес преку работа со ЕУ и други слични партнери за да им се помогне да го постигнат ова“, рече Кејт Мери Брнс- амбасадорка на САД.

Учесниците ја продолжија дебатата за економските предизвици во регионот и можната трговска соработка.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button