Заев: Предвремените парламентарни избори ја кочат економијата

Заев му кажа “не“ на Мицкоски за предвремени парламентарни избори. Премиерот смета дека треба конечно да се престане со предвремените избори, бидејќи како што вели, ја кочат севкупната македонска економија, а следните би се одржале во редовниот термин во 2024 година.
Државата има јасен правец во кој се движи, европеизацијата продолжува, сите тешки одлуки кои се донесоа во минатото беа заради економскиот стандард на народот, заради отворање на новите работни места, да ги мотивираме ваквите инвееститори да инвестираат во нови инвестиции, да отвораат работни места, да го зголемуваат својот извоз, брутодомашниот продукт на државата, а со тоа и благосостојбата на нашиот народ. Секое предвремено истрчување на избори значи и кочење на ваквите процеси. Затоа редовните избори се на 2024 година и треба да опстоиме на тоа – изјави Зоран Заев – премиер.
Одговорот на Заев доаѓа по барањето на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за двојни избори, односно заедно со локалните во октомври, паралелно да се одржат и предвремени парламентарни избори.
Час поскоро треба да се одржат предвремени парламентарни избори, бидејќи ова нестабилно, мало, тенко владино мнозинство покажа дека Македонија е хибриден режим, дека е заглавена во корупција и е на 111 место. Според сите останати други скали на мерења, по број на странски инвеститори, по пад на економија, по буквално каква и да е смисла, ние уназадуваме или сме на дното во регионот – рече Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на мнозинството во Парламентот, генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски вчера порача дека тоа е стабилно, додека од друга страна, потпретседателот на опозициската партија Александар Николовски, подолго време тврди дека ВМРО-ДПМНЕ преговара со пратеници од власта за ново парламентарно мнозинство.
Алсат