
Концесионерите на државно земјоделско земјиште ќе имаат можност да ги откупат обработливите површини врз кои имаат концесии и да станат нивни сопственици, рече во вечерашното гостување во емисијата „Економски Магазин“ на Алсат премиерот Зоран Заев.
Тој појасни дека законското решение треба да се прецизира и оти веќе е во изработка, а како купувачи на земјиштето, покрај концесионерите ќе може да се јават и други домашни физички или правни лица. Сепак, како што рече Заев, во постапката за приватизација на државното земјоделско земјиште ќе има и неколку услови:
„Прв услов е дека не смее да се урбанизира. Не смее да се продава помалку од 10 хектари. Мора да биде исклучително за земјоделска дејност. Новиот газда ќе плати трипати повеќе данок ако не го обработува или не го изнајми. Целта е да биде ставено во функција“, рече Заев.
Премиерот кажа дека продажните цени сѐ уште се утврдуваат и оти продажбата ќе оди преку лицитација.