Заглавени процеси и лош дијалог во Собранието

Избор на уставни судии, на амбасадори, измени во Закон за наставници… Ова се само дел од процесите заглавени во собраниските процедури, додека власта и опозицијата си ја префрлаат вината за тоа. Токму политичкиот дијалог во Собранието наиде на критики и во последниот Извештај на Европската комисија за земјава. Првиот човек на Институтот за демократија Социетас Цивилис, Марко Трошановски, како дел од напорите за надминувањето на ваквата состојба смета дека треба да се минимизира употребата на европското знаменце, но и можноста за филибастеринг, односно кочење на законските решенија преку безброј амандмани.
„Можеме наназад да видиме огромен дел, речиси секогаш амандманите од опозицијата се отфрлаат, иако голем дел од нив и имаат смисла, дел се секако популистички и имаат дневно-политичка цел. Меѓутоа тоа уважување на капацитетот и намерите на другиот да придонесе за квалитет на еден закон води во ваква ситуација на докопување на ровови“, рече Трошановски.
Во последниот европски извештај се нотира и дека од вкупно 159 нови закони, дури 79 биле усвоени по скратена постапка, а 67 во редовна. Според Трошановски, генералниот секретар на Собранието или пак стручна служба треба да работи на деполитизација на одлуката кој закон би можел да се разгледува со европско знаменце. Во меѓувреме, тој не очекува сериозна конструктивна дебата во Собранието, додека не се исполнат два услова.
„Демократската промена на самите партии, демократизацијата на нивните статути за да нема едни вечни лидери коишто не може никој да ги проблематизира. Тоа создава многу подемократски ориентирана политичка база за да учествува понатаму во изборите и второ, промена на изборниот модел кој сега создава лојални пратеници, коишто беспоговорно се водат во своите настапи според интересите на нивната партија“, додава Трошановски.
Во Извештајот се наведува и дека е постигнат мал напредок во реализацијата на заложбите за усвојување на веќе договорените измените на Деловникот, кои пратениците ги усогласија во рамки на дијалогот „Жан Моне“. Но, Трошановски оценува дека изгласувањето на измените е заложник на политиката.
Лука Андреев