Загрижувачка состојба со Kовид-19 во полошкиот регион

Гостивар го надмина Тетово по бројот на пациенти и починати лица од ковид 19. Во последните 24 часа, пет лица починаа на Инфективната болница во Гостивар, додека бројот на хоспитализирани на инфективното одделение и во модуларната болница се искачи на 50. Лекарот Лирим Беќири од гостиварската инфективна болница вели дека состојбата е алармантна. Ако оваа состојба продолжи уште неколку дена, работата ќе се влоши поради недостаток на медицински персонал.
„Има многу нови случаи со ковид. Само вчера, починаа пет лица, меѓу кои едно младо лице, на околу 42 години, додека останатите се на возраст од 70 – 80 години. Бројот постојано се зголемува, така што ситуацијата е алармантна и излезена од контрола и државата треба да прогласи вонредна состојба бидејќи ова е нешто неподносливо. Од медицинскиот персонал нема многу заразени, но проблемот број еден е недостатокот на персонал, од средниот персонал па нагоре. Еден лекар сум јас и две медицински сестри за 24 часа, така што тоа е нешто што не може да се опише и не може да се издржи“, изјави Лирим Беќири, Инфективно одделение во Гостивар.
Во Тетово, бројот на хоспитализирани пациенти достигна 48 лица и нивната состојба е сериозна, вели координаторот Гзим Нуредини. Во Тетово се зголемени и прегледите во амбулантите. Само во последните 24 часа, бројот на амбулантски прегледи достигна 172 лица. Лекарите апелираат за почитување на мерките, одржување растојание и носење маски.
Башким Сулејмани