ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Заканувачко писмо до обвинителот Јовески

Републичкиот обвинител Љубомир Јовески доби закани по животот. Вчера до него било адресирано писмо со кое се бара ослободување од судско гонење на новинарите Горан Момировски и Драган Милосављевиќ. Обвинителство го објави писмото кое стасало до Јовески, кое со мастило е напишано на англиски јазик, а испечатено на македонски.

„…Само го чекаме тој точен момент за да ви го одземеме животот. Постапете ведаш ако вашата желба е да останете живи. Ние сме терористичка организација која се бори и убива за неправди и исто така сме подготвени да гинеме за неа“, пишува во писмото.

Во писмото не е наведено кој е авторот. Новинарот Момировски за Алсат вели дека станува збор за очигледна операција на тајните служби за прогон против него и Милосављевиќ. Во писмото, тој не препознава негови поддржувачи.

„Писмото содржи многу нелогичности како на пример употребата на Северна Македонија од некој наш наводен поддржувач. Со оглед на тоа што сега ќе мора да се поведе истрага за писмото сметам дека се работи за обид да се продолжи со некаква акција во која ќе бидеме малтретирани и ние. За среќа ние сме подготвени за секаков вид провокации од тајните служби и нивните политички наредбодаватели“, наведува Момировски.

Обвинителството соопшти дека писмото било испратено од битолската пошта од 17 јануари годинава.

Од МВР велат дека веќе работат на расчистување на случајот. Инаку, скопското обвинителство имаше предмет за двајцата новинари по поднесена кривична пријава од Агенцијата за разузнавање. Новинарите на ТВ Алфа во емисија изнеле наводи за безбедносни и разузнавачки структури. Тие лани во ноември беа на распит во Обвинителството, а еден месец подоцна Обвинителството ја запре постапката против нив.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button