Закон за рестриктивни мерки, Ивановска: Така не се решава корупцијата
Закон за рестриктивни мерки, Ивановска: Така не се решава корупцијата

Долгонајавуваниот Закон за рестриктивни мерки кон лицата кои се нашле на црната листа на САД повторно ќе се најде на разгледување на владина седница во вторник. Текстот беше испратен во Собранието, но потоа повлечен од Владата поради, како што соопштија оттаму, административни причини.
Претходно негативно мислење за текстот даде Министерството за правда од каде оценија дека изрекувањето на рестриктивни мерки со одлука на Влада врз основа на сомневања не е во согласност со Уставот и со казнено-правниот систем на државата. Додека се очекува власта да пресече за финалниот текст на законот, претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска не очекува ова решение да ја постигне целта во борбата против корупцијата. Според неа, доколку одговорните во институциите си ја завршиле работата навремено, воопшто ќе немало потреба лица од земјава да завршат на странски црни листи зашто веќе би биле зад решетки во Македонија.
„Американската амбасадорка нагласи дека за да стават некој на црна листа имаат докази, а не само сомнежи, како и оти тие докази ги имаат прибрано од македонските институции, што значи дека за да се најде некој на црна листа за него веќе се водат некакви постапки во нашите истражни центри, обвинителства, судови итн. За кого треба рестриктивни мерки? За тие што се нашле на црна листа или за тие што не си ја завршиле работата“, рече Билјана Ивановска – претседателка на ДКСК.
Во однос на гласините дека новото законско решение што се очекува да биде усвоено нема да важи за оние кои веќе се најдоа на црната листа, поради неможноста законот да важи ретроактивно, Ивановска вели дека и онака е можно нивните предмети да се веќе застарени. Таа се повика на податоците што ги сподели организациајта Транспаренси за последиците од контроверзните измени на Кривичниот законик.
„Над 200 случаи ќе застарат, така што ништо чудно и некој од тие лица да се нашол во застарени предмети“, додаде Билјана Ивановска – претседателка на ДКСК.
Меѓу другото, измените во предлог-законот за рестриктивни мерки предвидува Обвинителството ажурно да постапува по предмети за лица кои би завршиле на американската и британската црна листа, а Судот би имал можност да изрече мерка – забрана за извршување јавна функција. Според информациите, веќе во мај би можеле да се очекуваат нови имиња на американската црна листа. Засега, од поблиското минато во неа фигурираат сопружниците Самсоненко, мајката и синот Ратка и Орце Камчеви, братучедите Никола Груевски и Сашо Мијалков, како и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко./Алсат.мк
Лука Андрев