Законот за експропријација ги судри пратениците

Измените на законот за експропријација поврзани со изградбата на Коридорите 8 и 10Д повторно ги судрија пратениците во Собранието. Опозицијата смета дека законските измени и даваат на власта право да прави што сака со приватната сопственост.
Според министерот Фатмир Бесими, условите за експропријација на имотите остануваат исти, но новите измени предвидуваат привремен надомест и преместување од објектите до завршувањето на постапката за експропријација. Промените ќе важат за сите други проекти во иднина.
„Суштината на измените е заштита на правата на граѓаните, имотните права и правото на престој, за проекти кои според Уставот спаѓаат во категоријата од јавен интерес. Се овозможува прецизирање на правата на граѓаните, нешто што го има и со закон. Се работи само за надомест кога треба да ги напуштат своите објекти и да престојуваат некаде додека не најдат друго место за живеење, или ако се работи за дејности, додека не најдат објект каде што ќе ја извршуваат дејноста“, Фатмир Бесими, министер за финансии.
Опозицијата вели дека со изградбата на делови од овие два коридори, источниот дел од земјата е занемарен.
Сите пет закони, по одобрувањето од страна на комисијата, поминуваат на пленарна седница. Гласањето ќе биде откако ќе заврши расправата за сите предлог-измени.
Фатлуме Дервиши