Законот за игри на среќа ќе претрпи измени

Владата даде зелено светло на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игри на среќа, предложен од Министерството за финансии. Како што соопштија од Владата, новиот предлог-закон има за цел да ја заштити младата популација. Поради тоа:
Предлог-закон за игри на среќа:
– Се предлага деловните простории, односно уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат на оддалеченост не помалку од 500 метри од основни и средни училишта.
– Зајакнување на доказите потребни за издавање на лиценци.
– Едно трговско друштво со една лиценца, приредува еден вид на игра на среќа.
– Се зголемуваат надоместоците за издавање лиценци за игри на среќа.
Владата и Министерството за финансии не соопштуваат повеќе детали за содржината и другите измени. Велат дека предложениот закон ќе биде јавен откако ќе биде доставен до Собранието. Движењето против коцкање смета дека овој чекор на Владата е позитивен и води кон отстранување на казината и другите игри на среќа од близината на образовните објекти.
„Дојде време да се започне од некаде со оваа хаотична ситуација што владее во Северна Македонија. За почеток сме задоволни и очекуваме овој закон итно да се стави во функција и државата да дејствува да го спречи коцкањето иако нашите барања првично беа три километри надвор од населените места и училишните згради. Но и овој закон во моментов е прифатлив за нас. Оваа битка ја почнавме пред седум години и конечно се круниса со закон, иако е скратено на 500 метри воздушна линија, но мислиме дека ќе се исчисти цела Македонија, не само Тетово, туку сите градови од оваа глупост што ја зафати земјава“, рече Јуши Емурлаху – Движење против коцкање.
Но, одлуката на Владата наиде на критики од Здружението на вработени во игрите на среќа. Тие преку соопштение се пожалија дека со оваа одлука значителен број работници во обложувалниците и игрите на среќа ќе останат без работа.
„Со вчерашната одлука Владата го започна процесот на затворање на коцкањето во Северна Македонија! Предложените измени на Законот за коцкање и забавни игри Владата ќе се обиде да ги воведе во Собранието по брза постапка под европско знаме. Што значи, со скратена постапка ќе укине работа на 10.000 луѓе и ќе го троши државниот буџет за 280 милиони евра годишно. Сето тоа во услови на невидена економска криза, најголема по Втората светска војна“, велат од Здружението на вработени.
Повеќе од 6 години, Движењето против коцкање бара отстранување на коцкањето од градовите.
Мефаил Исмаили